Лежи во Горна Преспа, на падините на планината Петрина.
Во римско време, поради стратегиската положба на овој крај, биле формирани повеќе воени логори и патни станици. Една древна транзитна станица на магистралниот пат Виа Егнација била позната под името Скиртијана. Подоцна, на нејзиното место била основана словенската населба Ресен. Околината на Ресен е познат овоштарски крај по одгледување и производство на јаболка, па многумина го нарекуваат „Македонска Калифорнија“.
Благодарение на извонредната глина е развиено грнчарството, а во 1971 г. е основана „Ресенската керамичка колонија“.
Највпечатлив објект во градот е „Сарајот“, кој е изграден во почетокот на 20 век. Според кажувањата, биле двајца другари. Едниот отишол да студира во Париз, а другиот останал во Ресен.
По извесно време од Париз стигнала разгледница на која била насликана зграда како денешниот сарај. Тогаш бегот, наводно, рекол: „Ти ќе гледаш таква зграда, а јас ќе живеам во неа“. Градена е од мермер и делкан камен.
Во 2003 година првпат во Отешево беше одржан Интернационалниот театарски фестивал – Актерот на Европа. Негова цел е заживување на театарската култура во Преспанскиот Регион на трите соседни држави – Македонија, Грција и Албанија. Фестивалот се одржува секоја година во почетокот на месец јули.
Под градот се простира Преспанското Езеро, второто по големина природно езеро во Република Македонија. Лежи на 853 м н.в. и зафаќа површина од 274,3 км2. Од нив на Македонија ѝ припаѓаат 176 км2, на Албанија 49,4 км2 и на Грција 47,8 км2. Во правецот север – југ Езерото е долго 28,6 км, а широчината му изнесува 16,9 км. Најголемата длабочина на водата е 54 м. Езерото не прима некоја поголема притока, а од него не истекува ниту една река, меѓутоа познато е дека на повеќе места водата понира под Галичица и оди во Охридското Езеро. Температурата на езерската вода во август изнесува 24,3 степени. Провидноста на водата се движи од 1,50 до 7,20 м.
Дел од Преспанското Езеро, оној кај селото Езерани, е ставен на Рамскарската листа на водни живеалишта.
Причината за тоа е што околу Езерото се регистрирани 96 видови водни птици. Од списокот на Рамскарската листа на кој 48 видови птици се ставени под трајна заштита, 17 се среќаваат на Преспанското Езеро.
Во Преспанското Езеро се наоѓа островот Голем Град. На него постојат неколку објекти. Еднокорабната црква „Свети Петар“ и фреските на нејзините ѕидови потекнуваат од 14 век. Меѓу композициите се и две ретки сцени во македонскиот фрескоживопис – „Опсадата на Цариград“, и „Бегството на Египет“. Тука се и остатоците од разурнатата црква „Свети Димитрија“. Археолозите имаат откриено остатоци и од други цркви што биле градени во периодот од 10 до 14 век, како и римска некропола и остатоци од луксузна римска куќа.
Островот денес не е населен со луѓе. Тој е прогласен за природен резерват и на него живеат неколку видови змии, голем број птици и повеќе видови растенија, меѓу кои и дрвото фоја.
Планината Галичица, која ги дели Преспанското и Охридското Езеро, е прогласена за национален парк во 1958 г. Се простира на површина од 22 750 хектари. Најниската точка е на нивото на Охридското Езеро – 693 м, односно Преспанското Езеро – 852 м, а највисоката точка е врвот Галичица – 2 275 м. Планината е богата со животински свет: мечки, диви кози, диви свињи, срни и повеќе видови птици. Се среќаваат околу 130 видови дрвја и грмушки, што претставува голема ректост во Европа. Низ Националниот парк се изградени 80 км асфалтни патишта. Тие водат по должината на крајбрежјето на езерата и низ централниот дел на планината, при што се искачуваат на 1 630 м.
Од видиковецот „Гога“ се гледаат двете езера.
Долж крајбрежјето на езерата, а во рамките на Националниот парк, се распоредени манастирите: „Свети Наум“, „Света Богородица Пештерска“, „Свети Стефан“, црквите – „Свети Илија“ во Елшани, „Света Богородица“ во Велестово и базиликата „Свети Ѓорѓи“.
На Галичица има над 10 пештери.
Во рамките на Националниот парк постои ловен резерват.
На брегот на Преспанското Езеро, северно од селото Курбиново, се наоѓа црквата посветена на свети Ѓорѓи. Живописот потекнува од 1191 година. Таа е мала, еднокорабна црква со полукружна апсида. Низ историјата била оштетувана од пожар, при што настрадале делови од живописот кој е поделен во три зони. Од фреските посебно внимание привлекуваат: Исус Христос и свети Ѓорѓи кои се прикажани во натприродна големина, св. Врачи, св. Пантелејмон, „Благовештение“, „Вознесение Христово“, „Среќавањето на Ана и Елисавета“, „Раѓањето и крштевањето на Христос“, „Воскресени Лазарово“, „Успение Богородично“, „Влегување во Ерусалим“, „Распетие“ и „Оплакување“. Сликарството на црквата му припаѓа на комненскиот период. Впечатливи се истакнатите форми на лицата и телата и компликуваните драперии, за кои историчарите на уметноста велат дека се барокно разиграни и му даваат печат на целиот насликан ансамбл. Композициите „Благовештение“, „Исус Христос“, фигурите од олтарната конха и други спаѓаат меѓу најубавите остварувања на византиското сликарство на просторот на Балканот.
На патот од Ресен кон Охрид се минува низ селото Косел, крај кое постои изгаснат вулкан. Од еден отвор постојано излегува гас богат со сулфур. Затоа често се чувствува мирис на расипано јајце. Од овде, оваа делница повторно завршува во градот Охрид.